2010 е годината кога Facebook му се заканува сериозно на Google. Според последната студија на Hitwise станува најпосетениот сајт во САД, а верувам и овде. Скоро секој редовен корисник на Интернет во земјава има профил на некоја или повеќе друштвени мрежи и времето поминато (за добро или не) постојано се зголемува.
За бизнисите ова автоматски значеше нов канал за промоција и адаптирање на дел од маркетингот на новата платформа. Преломната точка за скептиците за дали треба или не е постигната, но тоа не е секако доволно. Доаѓаме сега до тоа зошто не успева и дека ова е само уште една од оние работи кои во Македонија не држат вода. Дали е така? Ноуп, секако дека не. Секоја фирма може да има корист од учеството. Дали преку она што го викаме маркетинг или преку градење и употреба на социјалниот капитал, личните врски и новите пријателства за други цели, вредноста која може да се извлече е неоспорна. Индивидуалците кои се спремни и сакаат да потрошат време за тоа, сега полесно од било кога можат да создадат своја сфера на влијание. Концептот само ќе се унапредува во наредната година.
