Најнов производ на Интернетот кој практично е и еден од факторите кои придонесоа за поголема стапка на негово користење се социјалните медиуми. Тие се најактуелното поглавје во вебот и станаа синоним за новите медиуми. Некои луѓе (тука се вклучувам и јас) од обични читатели на содржина се транформираат во личности со сопствен глас на темата која ги привлекува. Социјалните медиуми го помагаат процесот во кој почнува да се менува механизмот на обично емитување на “спакувани” пораки наменети да го привлечат вниманието на масата. Тие се поддржувачи на еден нов поинтерактивен процес каде не може да биде игнорирано мислењето на индивидуалците и секого има влијание во сопствениот социјален круг каде учествува, претставен со бројот на пријателите и квалитетот на врските.
Факт е дека луѓето поминуваат се поголем дел од времето на Интернет и во форма на заедници, како социјалните мрежи. YouTube e втор пребарувач по Google, а голем дел вестите сега ги консумираме на Интернет. Facebook статистиките пак ни откриваат дека половина од корисниците се вклучуваат секој ден и просечното поминато време е 55минути. За во нашава земја сигурен сум дека сме дури над просекот, тоа е очигледно.
Како и да е не ми беше тоа муабетот. Импликациите за фирмите се дека голем дел од нивните купувачи или потрошувачи користат други средства и канали за информации. Тие се под влијание на препораките на пријателите со кои се поврзани онлајн, го користат Google кога им треба информација за некој производ и си го ценат сопственото време. Ние купувачите не сакаме да не прекинува Климе за време на натпревар, да слушаме кој кредит го нуди некоја банка кога треба да го слушнеме крајот на нашиот powerplay. Ова се алатките на стариот outbound маркетинг на кој не учеле и не учат да го применуваме. Тие се доста скапи и неефикасни. И што е полошо, се “натпревараат” за внимание со уште многу други информации кои не бомбардираат секој ден. Да ве прашам: Се сеќавате ли на последниот билборд што сте го виделе и дали добро ја забележавте пораката?